Додека го чекаат ваучерот: Прволигашите ѝ должат на КФМ 200.000 евра!

Генералниот секретар на КФМ, Владимир Георгиевски, на денешната прес-конференција откри дека кошаркарските прволигаши имаат огромни долгови кон Куќата на кошарката, кои во моментот се движат околу 200.000 евра.

Причина за ова е доцнењето на државната помош според ваучер-системот, која годинава уште не ја добиле.

„Знаеме дека спортот речиси целосно функционира со помош на ваучер-системот. Долго време се шпекулираше како ваучерот ќе биде пред крајот на ланската година, па се најавуваше пролетва, па пак се одложи за летово и тие пари уште не се исплатени. Сето тоа придонесува долговите да растат, а вкупната сума која кошаркарските прволигаши ни ја должат достигна и до 11 милиони денари. Не сакаме да правиме проблеми бидејќи е јасно дека сите чекаат средства од иста страна, затоа сме и потолерантни на оваа тема, но веруваме дека проблемот ќе биде надминат на државно ниво и штом клубовите добијат средства за ваучер, долговите кон нас како федерација ќе бидат надминати“, изјави Георгиевски.

Првиот оперативец откри дека вкупниот долг на сите екипи изнесува околу 250.000 евра, а потенцира дека со оглед на новиот спонзор на Првата лига, тимовите што играат во елитата ќе бидат ослободени од котизацијата за претстојнава сезона, која требаше да изнесува 8.000 евра.