Тен Хаг: Немавме среќа, Твенте го одигра најдобриот меч во својата историја!

Екипата на Манчестер Јунајтед со реми на домашен терен против Твенте (1-1) го почна настапот во новото издание од Лига Европа, меч по кој тренер Ерик Тен Хаг го имаше вообичаеното оправдување – дека противникот прикажал животна партија.

Холанѓанецот смета дека неговите момци биле на висината на задачата, но дека ривалот од Холандија го одиграл најдобриот меч во својата историја.

„Твенте го одигра најдобриот натпревар во досегашната историја. Начинот на кој го прославија освоениот бод покажува колку им тој им значи. Факт е дека моравме да бидеме подготвени за такво нешто. Прикажавме 99-отсто од нашите можности, но тоа се покажа како недоволно за триумф. Не ги потценивме, туку на 1-0 пропуштивме неколку можности да го завршиме натпреварот. Ако тогаш постигневме втор гол, натпреварот ќе беше готов. Ја имавме контролата ,требаше само да бидеме повеќе одлучни во завршницата“, изјави Тен Хаг.

„Ѓаволите“ од почетокот на новата сезона имаат три победи, од кои една е против третолигаш, пораз по пенали од Манчестер сити во Комјунити шилд, две нерешени средби и два порази. Викендов пред нив е голем предизвик и тоа на домашен терен против Тотнем.