„Орлињата“ го кренаа „Чаир“ на нозе - Србија го освои ЕП до 18 години!

Кошаркарската репрезентација на Србија е победник на Европското првенство за играчи до 18 години, кој се одржуваше на нејзина територија. Фо финалето, српските „орлиња“ ја совладаа Шпанија со 81-71.

Не треба ни да се потенцира дека легендарната спортска сала „Чаир“ во Ниш беше исполнета до последното место, а српските надежи успешно се носеа со одговорноста и дојдоа до пехарот со сигурна игра, особено во второто полувреме.

Во првото беше многу порамноправно и изедначено. Шпанците иако водеа со плус шест во воведниот период, тој заврши со 24-24, а на голем одмор Србите заминаа со предност од минимални 41-40. 

Предводени од Никола Топиќ со 24 поени и осум асистенции, како и од Митар Бошњаковиќ со 21 кош и седум скока, Србите беа поубедливи во втората половина од финалето и дојдоа до трофејот, детронизирајќи ја Шпанија, која лани седна на тронот.

Ова е прво злато на ЕП за кошаркари до 18 години откако земјата е Србија. Последното беше во 2005, како Србија и Црна Гора, а уште девет припаѓаат на поранешна Југославија.