Заврши сезоната за ултра-талентираниот Јакимовски!

Македонскиот кошаркарски репрезентативец, Андреј Јакимовски, ги заврши настапите за оваа сезона во дресот на Вашингтон стејт универзитетот, откако неговиот тим загуби во синоќешната пресметка против Аризона стејт (59-64), на стартот од плејоф-турнирот во Пацифик 12-дивизијата, што се одржува во Лас Вегас.

Ова натпреварување се игра според нокау-систем, што значи дека поразените веднаш заминуваат дома, а крајниот победник обезбедува пласман на завршниот турнир во НЦАА, наречен „мартовски лудило“. Јакимовски, кој одлично ја почна сезоната и имаше неколку забележителни настапи, не доби голема доверба на оваа средба.

Македонецот мина само четири минути на паркетот, со една украдена топка и едно промашување за два поени. Јакимовски поради играњето во САД и немањето дозвола од својот универзитет не му беше на располагање на селекторот Александар Тодоров на квалификацискиот турнир за пласман на ЕП 2022, кој минатиот месец се одржа во Перм (Русија).