Давитков останува селектор, а дали ќе си замине ќе се дознае – наскоро!

Јорданчо Давитков и понатаму останува селектор на кошаркарската репрезентација на Македонија, но до кога зависи од начинот на кој ќе биде решен проблемот со неговиот клуб Ал Кадсија и периодот кој ќе му биде дозволен за отсуство поради подготовките на националниот тим.

Предводникот на жолто-црвените засега може да одвои 20-25 дена за септемврискиот циклус во кој нѐ чекаат средби против Косово на гости и Романија дома, додека желбата на федерацијата е репрезентацијата да има максимални подготовки кои би опфатиле период од 35-40 дена.

Разрешницата од оваа статус-кво ситуација се очекува во текот на следната недела, кгоа се очекува челниците на МКФ да го официјализираат својот став околу проблемот со кој се соочува селекторот Давитков.

„Зад нас е еден добар циклус, без разлика на поразот од Швајцарија, но крајниот резултат е посакуваниот – пласман во следната фаза од претквалификациите. Тимскиот дух се покажа како квалитет за репрезентацијата, а мислам дека сме на добар пат да се вратиме на старите патеки. Термините на ФИБА во јуни и во септември се лоши, пред сѐ за кошаркарите, но и за тренерите, но ние мора да ги почитуваме. По завршувањето на првенството во Кувајт имав разговори со управата на Ал Кадсија за продолжување на договорот и да бидам слободен во термините кога ќе игра Македонија. За мене репрезентацијата е светост и сакам да сторам максимум за да излезам во пресрет на обврските. Но, во овој септемвриски циклус носи ситуација во која треба да се избере најдобра опција, дали да се тренира цело време или играчите прво да работат со клубовите па потоа да се соберат за националниот тим. Имам дозвола за да отсуствувам дваесетина дена, но не и 35-40 колку што можеби ќе требаат во една од варијантите. Не сакам да споменувам финансии, но не може да се споредат примањата во клубот и тие од федерацијата, која сигурно не е моќна да му парира на клубот на кој му припаѓам. Беше и уште е моја желба да ја вратиме кошарката на нивото на кое припаѓа и решен сум да сторам сѐ за да дојде до тоа. Најлесно ми е да кажам сега дека заминувам и да се заблагодарам за сѐ, но моја првенствена желба беше да ја запознаам јавноста со ситуацијата во која се наоѓаме, а тоа е дека можам да отсуствувам најмногу 20-25 дена. Факт е дека има три варијанти. Првата е да се почне 40 дена пред натпреварите, втората е кошаркарите да почнат да се подготвуваат со клубовите. Веќе разговарав со дел од тренерите од клубовите и ако тие почнат како што е планирано на почетокот од август, тогаш би било најдобра варијанта да почнеме кон крајот на август и да имаме тринеделник максимални подготовки. Но, ќе видиме што ќе излезе од ситуацијава“, изјави во еден здив Давитков.

На прес-конференцијата боите на МКФ ги „бранеше“ спортскиот директор Владимир Темелковски, кој најави дополнително објавување на официјалниот став на федерацијата, но искажа своите лични размислувања.

„МКФ е на став да се остварат најдобри можни подготовки за да се остварат. Целта ни е да формираме победничка атмосфера. Чест и привилегија треба да биде играњето за националниоит тим, а не обврска. Никого нема со сила да принудуваме да игра за репрезентацијата. Правиме сѐ да го задржиме победничкиот дух“, изјави Темелковски.

Македонија вториот претквалификациски циклус за ЕП 2021 го почнува на 13 септември во Приштина против Косово, а три дена подоцна ќе ја пречека Романија. Директен пласман во квалификациите за континенталниот собир ќе обезбеди само првопласираната селекција.