Втор триумф по ред: Јуниорите ќе играат за 17. место на ЕП во Скопје!

Јуниорската репрезентација на Македонија ќе игра за пласман на 17. позиција на Европското првенство (ЕП), дивизија Б, во Скопје, откако денеска дојде до вториот триумф по ред, а трет вкупно во пресметката со Азербејџан (65-50).

Жолто-црвените беа далеку подобар противник од Азербејџанците, а сите дилеми околу триумфот беа решени уште по првата четвртина. Избраниците на селекторот Панче Милевски почнаа фуриозни и имаа плус 14 (20-6) по само десет минути игра. Сето останато беше само рутинско одработување на задачата.

Лука Стојановски со 18 поени и по пет скока и асистенции беше најдобар во македонскиот состав за кошаркари до 18 години, Валмир Какруки постигна 17 поени со шест скока додека Кирил Панов средбата ја заврши со 12 поени и девет скока.

Македонија во утрешната средба за конечен пласман ќе ги одмери силите со подобриот од вечерашниот дуел против Луксембург и Швајцарија.