Втор потпис на Далечниот Исток: Јапонија стана ветена земја за македонските репрезентативци!

Македонскиот кошаркарски репрезентативец, Ричард Хендрикс и следната сезона ќе настапува во далечната Јапонија, откако денеска го потврди трансферот во екипата на Нигата Албирекс.

За натурализираниот Американец ова значи останување во добро познато првенство, со оглед што до прекинот на минатиот шампионат поради пандемијата со коронавирусот настапуваше за Осака Евеса. Хендрикс во дресот на вториот најдобар тим во Западната конференција од јапонската Б-лига на 24 средби просечно реализираше 15,7 поени и 10,4 скока. Претходно, високиот центар настапуваше за екипи како Ле Ман, Макаби Тел Авив, Локомотив Кубан, Уникаха, Гранада, Гран Канарија и Галатасарај.

Последните настапи за Македонија ги имаше во претквалификациите за ЕП 2021, кога на шест средби просечни реализираше 15,3 поени и 10,7 скока. Во 2008 година беше избран на НБА-драфтот и тоа од Голден стејт вориорс и тоа во втората рунда како вкупно 49. пик.

Пред неколку дена трансфер во Јапонија направи уште еден Американец со македонски пасош, Шејн Витингтон, кој по сезона мината во Реал Бетис реши да потпише за екипата на Микава Сихорс.