Војниците на Тодоров клучните битки за пласман на ЕП ќе ги бијат на – руски фронт!

Македонската кошаркарска репрезентација принудно го „прескокна“ ноемврискиот квалификациски прозорец на ФИБА за пласман на ЕП 2022, откако се прошета до Талин и „заглави“ во карантин поради четирите позитивни кошаркари на Ковид-19, наместо да ги одигра предвидените средби против Италија и организаторот на „балонот“, Естонија.

Овие пресметки се одложени за следниот февруари, кога жолто-црвените ќе треба уште еднаш да се сретнат со „аѕурите“ како и со Русија. Според неофицијални информации на „Спорт1“ од ФИБА, овие натпревари ќе се одиграт во рускиот град Перм, кој би требало да биде организатор на февруарскиот турнир на кој ќе се одредат патниците за следниот континентален собир. Ако ваквата најава се оствари, тоа би било дополнителен хендикеп за четата предводена од Александар Тодоров, со оглед што нашата селекција требаше овие две средби да ги одиграат на домашен терен.

Македонија во моментов е во најнеповолна ситуација во групата, со оглед што има два порази од две средби и тоа од Естонија дома и Русија на гости одиграни пред пандемијата со коронавирусот. Доброто за нас е што Италија иако игра надвор од конкуренција, со оглед што е веќе пласирана како еден од организаторите на ЕП, ги доби трите досега одиграни натпревари, без воопшто да калкулира. Следува Русија со скор 2-2, додека Естонците имаат учинок 1-2. Покрај „аѕуруте“, билет за европскиот собир на најдобрите ќе обезбедат двете најдобри од преостанатите три репрезентации, што значи дека македонските кошаркари сѐ уште имаат шанси да дојдат до враќање на највисока европска сцена.

За да се случи тоа, задолжително ќе ни биде потребна победа во пресметката со Естонија на турнирот во Перм, ако најавите се остварат, по можност таа да биде изразена со двоцифрена разлика за да се анулира негативата од минус девет од првиот дуел во Скопје (62-71). А од преостанатите три средби, двапати против Италија и еднаш против Русија, секој евентуален триумф би бил – злато вреден.

Но, за да се случи тоа потребно е да имаме среќа со здравствената состојба со кошаркарите, пред сѐ во делот на евентуалните позитивни тестови на Ковид-19, со надеж дека до тогаш пандемијата ќе биде во надолна линија, но и во делот на повредите. Многу ќе зависи и од фактот дали најдобриот играч за 2019 година, Ненад Димитријевиќ, да не биде повреден или да не се рехабилитира од болест, поради што не настапи на февруарскиот меч против руската селекција, а не ни отпатува сега во Талин каде што не одигравме ниту еден меч.