„Војната“ со МКФ е минато: „Снајперистот“ Симоновски пак ќе игра за Македонија!

Македонската репрезентација за еден месец ќе го почне вториот циклус претквалификациите за пласман на ЕП 2021 и тоа со дуелите со Косово на гости и Романија дома, незгодни противници поради што селекторот Јорданчо Давитков сака на тренинг да ги има ама баш сите најдобри кошаркари кои би можеле да му се стават на располагање.

Почетокот на подготовките за овие два дуели закажани за 13 септември во Приштина и 16 септември во Скопје е закажан за последниот ден од август, а на нив се очекува да се појави и Марко Симоновски. Бекот-шутер на МЗТ Скопје ги пропушти дуелите од првата претквалификациска фаза, официјално поради повреди, а неофицијално поради недоразбирањата кои ги имаше со Македонската кошаркарска федерација (МКФ).

Причина за оваа „тивка војна“ беше неговата ланска повреда во пресрет на квалификациите за СП 2019, кога по неколку дена тренинзи почувствува болка по што беше утврдена скршеница на ногата. Раководството на МКФ тврдеше дека тоа е стара повреда и одбиваше да му овозможи наплата на задолжителното осигурување на ФИБА, кое, како што се испостави подоцна, тие го активирале дури една недела по почетокот на подготовките. Тогаш Симоновски се најде во ситуација да остане без примањата во МЗТ Скопје, со оглед на повредата добиена за време на репрезентативните активности, а и без очекуваните пари од осигурувањето што донесе голема нервоза и разочараност кај него. Улогата на спасител и „бришач“ на грешките на МКФ во тој момент ја презеде Агенцијата за млади и спорт (АМС), која ги покри платите на „снајперот“ додека беше повреден. Кошаркарот на МЗТ Скопје и тоа како би му помогнал на националниот тим, особено ако ги повтори игрите од финишот на минатата сезона кога постигнуваше по осум-девет тројки на еден натпревар.

Давитков за дуелите против Косово и Романија ќе смета речиси на истиот состав со кој го освои првото место во претходниот круг претквалификации, со можна нова промена на странецот во тимот. Неофицијално, постои сериозна можност во жолто-црвениот дрес да се врати Ричард Хендрикс, кој од лични причини го пропушти јунскиот дуел со Швајцарија. Преговорите со него се во тек, а дури ако тој процени дека нема да може да одговори на барањата на стручниот штаб тогаш во игра ќе влезе нашето најново американско засилување, Шејн Витингтон.