Војдан Стојановски го „избрка“ спортскиот директор на МКФ од Трабзонспор!

Поранешниот селектор и сѐ уште, барем на хартија, спортски директор на Македонската кошаркарска федерација (МКФ), Заре Марковски, повеќе не е тренер на турскиот прволигаш Трабзонспор, откако клубот денеска реши да го ослободи од обврските кон овој тим.

На искусниот стратег буквално му „пресуди“ друг Македонец, Војдан Стојановски, кој со својот тим Бујукчекмече го совлада вчера на домашен терен и тоа во драматичен меч со две продолженија (113-105). Репрезентативецот на оваа средба имаше повеќе од солиден учинок со 11 поени и шест скока.

Марковски во Трабзонспор дојде летово, а си заминува поради лошите резултати и покрај тоа што на располагање има скап тим со голем број искусни кошаркари. Екипата под раководство на поранешниот селектор имаше учинок од само три победи во 11 натпревари.

Тој во МКФ дојде набрзо по устоличувањето на Петар Наумоски за претседател, за кусо време направи хаос во пресрет на ЕП 2015 во Загреб каде што го смени најзаслужниот за пласманот, селекторот Александар Џикиќ и имаше обид за физичка пресметка со членови на националниот тим. Набрзо потоа тој си замина од Куќата на кошарката, но Управниот одбор во ниту еден момент официјално не го разреши од функцијата, барем таква информација не дојде до јавноста.