Војдан: Штета што не победивме, но горд сум како гиневме во дресот на Македонија!

Повратникот во репрезентацијата по подолгата пауза поради повреда, Војдан Стојановски, одигра одлично во вечерашниот дуел против Украина, кој, за жал, заврши со победа на гостинскиот тим (73-68), со што не закова на дното од групата во првата квалификациска фаза за СП 2023 со шест „нули“ по ред.

Кошаркарот на МЗТ Скопје средбата ја заврши со 15 поени, а по мечот изрази задоволство од начинот на кој неговите соиграчи се бореле во дресот на националниот тим.

„Лошо почнавме, примивме 35 поени во првата четвртина. Потоа се вративме и покажавме карактер дури и кога губевме со двоцифрена разлика. Бевме блиску до победата, но не успеавме – таков е спорт. Секоја чест на момците, горд сум на тоа што го прикажаа, за начинот на кој се бореа. Таквото гинење е единствениот начин на кој се игра кога се носи репрезентативниот дрес“, изјави капитенот на Македонија.

Жолто-црвените со ова се враќаат во европската Втора лига и ќе играат претквалификации за ЕП 2025, кои почнуваат кон крајот на следниот месец.