Војдан по тешката повреда: Ќе се вратам посилен од било кога!

Велат добра вест се шири брзо, но лошата уште побрзо, аксиома што беше потврдена и вечерва, со информацијата за тешката повреда на капитенот на македонската кошаркарска репрезентација, Војдан Стојановски, за кого сезоната веќе – заврши.

Членот на францускиот прволигаш Гравелин на вчерашниот тренинг се здоби со најтешката повреда за еден кошаркар, кинење на предните вкрстени лигаменти, чие опоравување трае најмалку шест месеци.

„Почувствував како левото колено 'излезе' од некоја нормална положба и веднаш знаев дека нешто не е како што треба. Лекарскито тим веднаш организираше снимање со кое беше потврдено кинење на предниот вкрстен лигамент. Се надевам дека во наредните денови менаџментот на клубот ќе ја организира операцијата. Сакам да го решам тоа што е можно побрзо, да влезам во процес на рехабилитација и да се вратам посилен од било кога“, вели Стојановски.

Неговата повреда, воедно, е и голем удар за националниот тим, со оглед што Војдан дефинитивно нема да му биде на располагање на селекторот за августовските претквалификации за СП 2023.