„Во репрезентацијата имаме само една цел – да победуваме за Македонија!“

Македонската кошаркарска репрезентација утринава тргна на пат кон Талин, каде што во т.н. „балон“ ќе ги одигра средбите од ноемврискиот квалификациски циклус за пласман на ЕП 2022, против Италија (28 ноември) и Естонија (30 ноември) со драстично променет состав и со двајца дебитанти – Лука Савичевиќ и Леонид Тодоровски.

Отсуството на повредените Бојан Крстевски и Андреј Маслинко, како и откажувањето на Кирил Николовски и Стојан Ѓуроски, го наметнаа 22-годишниот Тодоровски како едно од решенијата на селекторот Александар Тодоров за центарската линија. Тој е свесен дека добива голема шанса, која најавува дека максимално ќе ја оправда.

„Благодарност за селекторот за дадената шанса да настапувам за сениорската репрезентација, што е исклучително важен момент во мојата кариера. Искрено, очекувам да ја победиме Естонија и тоа со повеќе од десет поени разлика, колку што ни е потребно да останеме во игра за пласман на ЕП. Ќе се потрудам доколку добијам шанса, максимално да го оправдам повикот на селекторот“, изјави Тодоровски.

Високиот центар сигурно нема да има проблем со репрезентативната „адаптација“, иако со колегите од националниот тим одржа само четири тренинзи, со оглед што речиси половина играчи доаѓаат од двата прволигашки тима на МЗТ Скопје.

„Иако зад нас се само неколку тренинзи во Скопје, се познавам добро со моите репрезентативни соиграчи. Со дел од нив сум играл и во иста екипа, со другите како противници. Полека се навикнуваме на барањата кои со себе ги носи играњето на едно вакво репрезентативно ниво. Сите сме тука со една цел – да победуваме. Така ќе биде и во Талин, се надевам“, додава еден од дебитантите во изборот на Тодоров за „балонот“ во главниот град на Естонија.

Македонија ги загуби првите две квалификациски средби во февруари и тоа од Естонија дома со негатива од девет поени, како и од Русија на гости. Пласман на ЕП ќе обезбедат двете најдобри селекции од групата помеѓу нашата, руската и естонската репрезентација, со оглед што Италија е веќе пласирана како еден од домаќините на следниот континентален собир.