Витингтон тргна силно по стапките на Мекејлеб, Хендрикс, Мејси, Џонс, Стак...

Македонската кошаркарска репрезентација и официјално го доби 11-тиот странски кошаркар и тоа во 27-годишниот Шејн Витингтон, кој со своите 211 сантиметри треба да биде огромна пречка за противниците во играта под кошевите.

Тој денеска се појави на првиот тренинг на жолто-црвените во пресрет на мечот против Швајцарија (28 јуни), последен од првата фаза од претквалификациите за ЕП 2021. Изминатава сезона ја одигра во руски Зенит, претходно играше во шпанската АЦБ-лига, а зад себе има и настапи во НБА-лигата во дресот на Индијана пејсерс.

„Возбуден сум што сум во Македонија. Со нетрпение го чекам новиот предизвик и првиот натпревар, се надевам дека ова ќе биде едно убаво искуство и за мене и за националниот тим. Сите сме професионалци, се надевам дека ќе одиграме добро. Репрезентацијата изгледа добро, се надевам дека ќе се вклопам во тимот. Се распрашував за македонската кошарка во изминатиот период, а доскорешниот мој соиграч Кајл Курич, кој игра за Словачка и кој двапати се сретна со нашата селекција, ми кажа дека доаѓам во добра и квалитетна селекција. Поради тоа дополнително сум возбуден што сум дел од неа“, ни изјави новиот македонски Американец.

Витингтон е десеттиот кошаркар од САД кој треба да заигра за Македонија на официјален натпревар, а единствениот натурализиран кошаркар кој заиграл за жолто-црвените е воедно и првиот – Србинот Слободан Шљиванчанин. Тој треба да продолжи по стапките на величини Лестер Мекејлеб, Ричард Хендрикс, Џеремаја Мејси, Кенион Џонс, Рајан Стак, како и на Маркиз Грин, Џордан Теодор, Ромео Тревис и Мајкл Вилкинсон.