Вајли за Македонија закачи коронавирус, заглави 20 дена во Талин и на крај – остана без клуб!

Американецот Џејкоб Вајли, кој од неодамна има и македонски пасош, по лошо ќе ја памети првата репрезентативна акција за новата татковина, откако имаше максимално неуспешен обид за деби на квалификацискиот турнир во Талин, каде што жолто-црвените не ги одиграа мечевите со Италија и Естонија поради неколкумина заразени со коронавирусот, меѓу кои беше и токму тој.

Зад дванаесетиот натурализиран кошаркар кој, засега, требаше да заигра за Македонија е кошмарен дваесетдневен период, кој заврши катастрофално – со привремено суспендирање на договорот со клубот за кој настапуваше, Гран Канарија.

„Гран Канарија и Џејкоб Вајли постигнаа договор за привремен раскин на договорот. Со овој раскин, на Американецот му е дозволено да се врати во САД, откако се зарази со коронавирусот пред неколку недели при тренинзите со македонската репрезентација. Клубот му посакува многу среќа за што побрза физичка и психолошка рехабилитација, по што би го чекало враќање назад во тимот“, се вели во соопштението на Гран Канарија.

Вајли беше позитивен на Ковид-19 во естонската престолнина, поради што мораше да остане во хотелот и по завршувањето на турнирот (28-30 ноември), заедно со Бојан Трајковски, Леонид Тодоровски и Љубомир Младеновски. Ситуацијата да биде уште полоша, македонската тројка доби дозвола да ја напушти Естонија минатиот вторник, иако и повторените тестови им беа позитивни, бидејќи им беше признат десетдневниот карантин како доволен услов да се вратат дома. Но Американецот мораше да остане бидејќи не можеше да се врати во Шпанија без негативен тест, што се случи викендов, кога конечно си замина од Талин и тоа по три недели минати таму. Сето ова е само дополнение на досегашното искуство на Вајли со нашата држава, во која, како што самиот призна, пред неколку месеци беше буквално шверцуван преку граница со Бугарија за да може да поднесе документи за добивање државјанство.

„Ќе се вратам посилен од било кога. Треба да се опоравам, затоа сега треба да бидам крај моето семејство. Благодарност до клубот за помошта, до тренерите и соиграчите за поддршката во овој период“, напиша Вајли на својот профил на Твитер.

Сега главно прашање е дали целата рехабилитација ќе заврши на време тој да биде дел од составот на Македонија на последниот квалификациски турнир, во февруари во Русија, каде што избраниците на селекторот Александар Тодоров ќе треба да одиграат четири средби во само пет дена. Наши противници ќе бидат Италија (двапати), Русија и Естонија, а потребна ни е најмалку победа над Естоницте изразена со двоцифрена разлика, за да се надеваме на можен пласман на ЕП 2022.