Младинската кошаркарска репрезентација на Македонија имаше ужасен старт на Европското првенство (ЕП), дивизија Б, во Португалија, откако во воведното коло беа декласирани во пресметката со Белгија (56-95).

Победникот беше познат уште во првата четвртина, а на Белгијанците им требаа само нецели седум минути да дојдат до двоцифрена предност (18-7) со која најавија лесно освојување на бодовите. Жолто-црвените беа инфериорни во секој поглед, за што најдобро говори и фактот што нашите момчиња имаа неверојатни 26 загубени топки. Ако на ова се додаде и мизерниот шут од поле од само 35-отсто, тогаш е јасен крајниот епилог.

Павле Михајловски со 17 поени и 10 скока и Мартин Ѓорѓиевски со 13 поени беа нешто подобри од останатите во составот на селекторот Дарко Радуловиќ.

Наш следен противник е домаќинот Португалија и тоа утре со почеток во 21.30 часот.