Македонската женска кошаркарска репрезентација го претрпе и петтиот убедлив пораз во квалификациите за ЕП 2019, овој пат вечерва, на домашен терен, во пресметката со Шведска (48-118).

Подмладениот состав предводен од Марјан Лазовски немаше апсолутно никаква шанса против далеку поквалитетните и поискусни гостинки, кои воедно во сите 40 минути играа во „петта брзина“ поради желбата да ја подобрат вкупната кош-разлика што им е неопходно во борбата за место кое води на континенталниот собир. Како стојат работите се видоа уште во првата четвртина во која жолто-црвените постигнаа само шест поени, а истата ја загубија со негатива од 28 поени.

Александра Стојановска со 21 поен и 10 скока беше единствената светла точка во составот на Македонија, додека зад неа според ефикасноста беше Матеја Николиќ со осум поени. Нашата репрезентација настапи без интернационалка во тимот, како и без речиси цела стартна петорка поради повреди.

Македонија сега има скор 0-5 со просечна негатива од 48 поени во секој од поразите. Мачењето на женската репрезентација ќе заврши в среда, кога избраничките на Лазовски ќе ѝ гостуваат на Хрватска (19 часот).