Тренерот на најдобриот машки второлигаш именуван за селектор на – девојчиња!

По неколку објавени огласи и пролонгирање на изборот поради различни „надворешни фактори“, челниците на Македонската кошаркарска федерација (МКФ) ги избраа селекторите на младинските селекции кои следното лето ќе ги предводат најдобрите таленти во машка и женска конкуренција на возраст од 16 до 20 години.

Задолжен за кадетската селекција, која единствена ќе биде дел од елитната А-дивизија, ќе биде Денис Дервишевиќ од клубот Феникс каде што ментор ќе му биде селекторот на женската репрезентација, Марјан Лазовски. За да не биде чудна ваквата комбинација, Куќата на кошарката реши предводник на женската национална селекција до 18 година да биде Игор Гацов, тренерот на најдобриот второлигаш во моментов, Академија ФМП. Станува збор за поранешен стратег на Работнички, МЗТ Скопје, Вардар, АМАК-СП, кој е познат и како прв кој им даде на сегашните репрезентативци, Дамјан и Војдан Стојановски.

Тренерот на Вардар, Александар Радуловиќ, доби можност да ги селектира најдобрите кошаркари на возраст до 20 години, додека Михаил Наумовски од Карпош Соколи, екипа која исто како ФМП сѐ уште е без пораз во Втората лига, е именуван за прв човек на јуниорската репрезентација за играчи до 18-годишна возраст.

М20 мажи:

Селектор: Дарко Радуловиќ

Помошен тренер: Николче Божиновски

Ментор: Бранко Андриевски

М18 мажи

Селектор: Михаил Наумовски

Помошен тренер: /

Ментор: Александар Петровиќ

М16 мажи

Селектор: Денис Дервишевиќ

Помошен тренер: Александар Ашаданов

Ментор: Марјан Лазовски

М18 жени

Селектор: Игор Гацов

Помошен тренер: Златко Мокров

Ментор: Зоран Балов

М16 жени

Селектор: Виолета Здравковиќ

Помошен тренер: Ведран Белешковски

Ментор: Жаклина Стојановска