Треба да се подобри само од еден ривал: Кошаркарите ги добиваат противниците за ЕП 2021!

Македонската кошаркарска репрезентација на денешната ждрепка во Минхен (12.15 часот) ќе ги дознаат противниците во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) за две години во Германија, Чешка, Грузија и Италија), без некоја посебна желба со оглед што сигурно ќе имаме еден послабо рангиран ривал меѓу конкурентите.

Жолто-црвените се најдоа во шестиот од осумте барабани во помалку чудната и полудиригирана ждрепка за групите кои ќе ги има осум со по четири репрезентации. Тоа значи дека наши потенцијални противници се во барабаните два, три и седум, што отвора голем простор со добра игра да го избегнеме последното место во групата кое единствено не носи виза за следниот континентален собир.

Тоа значи дека носители на групата ќе биде една од селекциите на Русија, Грција, Хрватска и Словенија, додека втората по квалитет репрезентација ќе дојде од барабанот во кој се Турција, Летонија, Украина и Италија. Наша најголема шанса ќе биде ривалот од седмиот барабан во кој се Бугарија, Естонија, Шведска и Австрија, тимови кои дури и во моментов сее под рангот на нашиот избран тим и се противници кои би можеле да бидат совладани.

Македонија првпат на еден континентален собир играше во 1999 година во Франција, а потоа требаше да мине една деценија пред да се вратиме на големата сцена во 2009 година во Полска. Две години подоцна бевме сведоци на историското четврто место на ЕП во Литванија, а во 2013 и 2015 во Јесенице односно Загреб испаднавме по првата фаза по што следуваше ептен сушен период за жолто-црвените.