Тодоров во државен карантин: Короната е тест кој може да нѐ направи подобри луѓе!

Селекторот на македонската кошаркарска репрезентација, Александар Тодоров, од вторникот е во задолжителен државен карантин во хотелот „Ибис“ во Скопје, кој е со четири ѕвездички, каде што мора да седи во следните две недели по враќањето од Романија каде што работеше како тренер на екипата на ЦСУ Крајова.

Тој без проблем ја прифажа одлуката за задолжително минување на 14 дена буквално затворен во четири ѕида и објаснува како сето тоа изгледа.

„Од границата, како дел од конвој, бев спроведен со полициска придружба директно во хотелот, а ми дозволија само да земам најнеопходните работи од колата по што во колона еден по еден бевме испратени до рецепцијата. Потоа, исто така еден по еден, ги добивме клучевите од собите, од кои не смееме да излегуваме во следните две недели“, вели Тодоров.

Искусниот стратег нема проблеми со карантинот и потенцира дека ништо не му недостасува и дека правилата мора да се почитуваат за доброто на сите.

„Правилата се донесени за да се спасат човечки животи. Ништо не ми недостасува во хотелот. Трипати на ден ми оставаат храна пред вратата, а еднаш на ден имам право мои блиски да ми достават потребни продукти преку луѓето од рецепцијата“, дополнува предводникот на жолто-црвената селекција.

Според неговите изјави, Тодоров не планира во скоро време да ја напушти Македонија, делумно и поради актуелната одредба дека секој што ќе ја мине границата ќе мора да потпише документ дека најмалку три месеци нема да се враќа во државата.

„Мислам дека коронавирусот е тест за целото човештво. Ако секој се сврти кон себе си, се потсети што е најважно за него и сфати дека нема ништо подрагоцено од љубовта на најблиските, тогаш со сигурност сите ќе оздравиме. И не само тоа, туку и ќе излеземе како подобри луѓе на крајот од сиот овој кошмар“, завршува Тодоров.

Поранешниот тренер на МЗТ Скопје минатиот месец имаше деби на клупата на репрезентацијата на Македонија и тоа со два порази во квалификациите за ЕП 2021 и тоа дома против Естонија и на гости кај Русија. Шансите за пласман на следниот континентален собир, сепак, не се загубени, а следните два меча на програмата се во ноември.