Тодоров: Ритамот е убиствен, но најлошо е што последниот меч ни е со – Естонија!

Селекторот на македонската кошаркарска репрезентација, Александар Тодоров, половично е изненаден од одлуката на ФИБА следниот квалификациски турнир за пласман на ЕП 2022 да се одигра во Перм, каде што жолто-црвените ќе треба да одиграат дури четири меча во само пет дена.

Предводникот на националниот тим очекувал „балонот“ да биде во Русија, но не се надевал дека ќе ни биде даден толку кус период да ги одиграме сите преостанати средби, со оглед што ги пропуштивме двата дуели минатиот месец во Талин поради проблеми со заразени со коронавирусот.

„Одлуката да се игра во Русија не ме изненади, но изненаден сум од решението да се играат четири натпревар со само еден ден пауза. Згора на сè и последниот натпревар во тие пет дена да биде токму оној со Естонија. Но истиот распоред го доби и Унгарија, која исто како нас не одигра ниту еден меч во последниот прозорец. За нас останува да се подготвиме како да го преживееме овој убиствен ритам“- констатира Тодоров.

Од оваа временска дистанца, селекторот издвојува неколку фактори кои би можеле да се покажат како клучни во тој „пекол“кој со себе го носи турнирот во Перм.

„Прво, многу е важно каква ситуација ќе имаме со заболени од корона вирусот и генерално, со повреди во тој февруарски циклус, бидејќи единствен начин да се справиме со овој календар е една широка ротација од 12 играчи, веројатно и да имаме 14-15 играчи на располагање. Со идеја, на клучните кошаркари да им дадеме барем еден екстра, односно слободен ден за одмор. Второ, треба да видиме каква среќа ќе имаме со летовите до Перм. Минатиот пат имавме сосема добра конекција, но сега сме сведоци на секојдневно откажување на летови. Затоа, треба да почекаме, да видиме дали ќе може да го најдеме најбрзиот пат до Русија. И трето, треба да видиме колку денови порано ќе ни биде дозволено да отпатуваме за Перм, со оглед на големата часовна разлика и можноста за прилагодување на истата“, дополнува предводникот на националниот тим.

И покрај овие дополнителни проблеми, за Тодоров е најважно нашиот национален тим максимално подготвен да ги дочека овие четири средби планирани да се одиграат во само пет дена.

„Како и да е, имаме два месеци до тие средби. Тоа што сега е приоритет е репрезентативците да може да играат натпревари со своите клубови. Да нема непредвидени прекини, карантини и одложувања. И да се надеваме дека за два месеци ќе има можност за вакцини, како би ги имале сите кошаркари на располагање, барем од аспект на ризикот кој со себе го носи корона вирусот“, завршува Тодоров.

Македонија во Перм ќе треба да игра двапати со Италија, како и со Русија и со Естонија. Во моментов ние сме најлоши во групата со скор 0-2, поради што дуелот со Естонците на крајот од овој пеколен ритам може да биде пресуден, а во него ќе ни треба победа со најмалку двоцифрена разлика. Пласман веќе има обезбедено Италија како еден од домаќините на ЕП 2022, додека останатите три селекции конкурираат за преостанатите два европски билети.