Тодоров: Останавме „пократки“ за три тројки, инаку ќе поминеме подобро во Перм!

Македонската кошаркарска репрезентација одигра повеќе од солиден натпревар против фаворизираната Русија, која дури во финишот успеа да го скрши нашиот отпор и да ја обезбеди победата во квалификацискиот меч за пласман на ЕП 2021, по кој селекторот Александар Тодоров се обиде да ја најде причината за неуспехот.

Според него, на жолто-црвените им недостасувале само неколку погодени тројки за да дојдеме до поволен резултат во Перм.

„Ги затворивме добрите страни на Русија, барем во споредба со тоа што го играа против Италија. Ние сме репрезентација на која системот ѝ се базира на шутеви за три. Потребни ни беа само три тројки за да имаме подобар резултат“, изјави Тодоров.

Македонија по првиот квалификациски прозорец сигурно ќе биде на последното место како единствена селекција со два порази. Естонија и Италија играат вечерва, по што ќе се знае која од овие две селекции ќе има две победи, а која ќе ѝ се приклучи на Русија со скор 1-1.