Тодоров ги одбра „војниците“ за Талин, меѓу нив го нема - Димитријевиќ!

Селекторот на македонската кошаркарска репрезентација, Александар Тодоров, ги одбра десетте кошаркари, кои утре ќе тргнат кон Талин на квалификациските средби против Италија (28 ноември) и Естонија (30 ноември), на кои директно ќе им се приклучат уште двајца – Војдан Стојановски и Џејкоб Вајли.

Од групата што тренираше деновиве во Скопје отпаднаа Дамјан Робев и Андреј Митревски, а тоа што паѓа во очи, а што не е потенцирано во известувањето од Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), е дека на списокот патници го нема – Ненад Димитријевиќ. Најдобриот македонски кошаркар за 2019 година се опоравува од коронавирусот и беше планиран за директно да им се приклучи на соиграчите во естонската престолнина, но тоа во последен момент отпаднало. Официјална причина нема, а неофицијално „виновник“ за неговото отсуство е комплицирањето на болеста Ковид-19, која се уште го држи во изолација.

Ова значи дека во составот на Македонија првпат ќе се најдат талентите на МЗТ Скопје, Лука Савичевиќ и Леонид Тодоровски, како и повратникот во националниот тим, Бојан Трајковски. Покрај нив, на овие две квалификациски средби на противниците ќе им се спротивставиме уште и со Љубомир Младеновски, Виктор Ефремоски (Работнички), Дамјан Стојановски, Андреј Магдевски, Филип Бакоч, Кристијан Николов (МЗТ Скопје Аеродром) и Марко Симоновски (Кожув).