Тео Симиќ потпиша за „тимот“ за кој „играат“ Антетокумпо и - Стеф Кари (ФОТО)

Македонското кошаркарско „чудо од дете“, Теодор Симиќ (18 години) денеска стана дел од менаџерската агенција „Октагон“, која е една од најдобрите во светот на спортот и која стои зад имиња како Јанис Антетокумпо и Стеф Кари.

На талентираниот центар, кој и покрај годините веќе е еден од носителите на играта на репрезентацијата на Македонија, му предвидуваат светла иднина, а самиот факт што стана клиент на американска компанија која застапува исклучиво ѕвезди од најсилната светска лига, јасно е дека негова цел е – НБА. Симиќ веќе неколку години е дел од големата Барселона, каде што се очекува следната сезона да почне да добива место и минутажа дури и во сениорскиот тим, со што би можел да го покаже својот раскошен потенцијал пред далеку поширок аудиториум од досега.

Теодор е син на поранешниот македонски репрезентативец Тони Симиќ, кој исто како својот татко има мека рака како „памук“ и лесно постигнува тројки, а со своите 214 сантиметри доминира под двата коша. Тој досега има одиграно пет средби за сениорската репрезентација на Македонија со просек ок пет поени и два скока.