Србите имаа ретко виден пад во играта и пак без мака ја совладаа Италија

Кошаркарската репрезентација на Србија триумфира во првиот пријателски меч по преселбата во Азија и тоа на стартот од турнирот во Шенјуанг, а во пресрет на Светското првенство (СП) во Кина (31 август-15 септември), откако попладнево ја совладаа Италија (71-65) во релативно чуден меч во кој имаа огромен пад во играта.

Северниот сосед ја контролираше играта и резултатот сѐ до почетокот од последниот период, кога на противникот му дозволија да направи неверојатна серија 17-0 со која дури и успеа да поведе (65-64). Но, кога избраниците на селекторот Александар Ѓорѓевиќ видеа дека „ѓаволот ја однел шегата“, заиграа далеку подобро и со седум поени во низа дојдоа до посакуваниот триумф.

Предводник кај Србија беше Богдан Богдановиќ со 15 поени, Стефан Јовиќ постигна 11 поени, а Немања Бјелица заврши со 10 поени, додека кај „аѕурите“ лидер беше Марко Белинели со 18 поени. Италија е еден од противниците на Македонија во квалификациите за ЕП 2021 кои почнуваат в година во февруари.

Следниот дуел за српската селекција на истиот турнир е в недела против Нов Зеланд (13.30 часот).