Србиноски летово ќе го менува Гечевски на функцијата во КФМ!

Поранешниот селектор Марјан Србиноски претстојново лето ќе го менува Тодор Гечевски на функцијата спортски директор на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), објавија денеска од Куќата на кошарката.

Популарниот Гец не се заминува во улогата на еден од предводниците на македонската кошарка, но поради приватни причини привремено се повлекува од својата фотелја.

„Морам да решавам приватни ситуации, кои од мене бараат определено отсуство од одговорната функција што ја имам во федерацијата. Останувам тука, навистина со намалено присуство во работата која ја презема Марјан Србиноски, со кого отсекогаш сум имал одлична соработка и за кого сметам дека ќе одговори на барањата кои со себе ги носи функцијата на спортски директор. Ќе бидеме во постојана комуникација, му стојам на располагање за се што ќе му биде потребно во работата“, вели Гечевски.

За Србиноски ова ќе биде прв ангажман во раководството на федерацијата, а последен пат работеше како тренер на Гостивар, од каде замина во април 2021 година. Пред него е исклучително важен период и големи обврски околу македонските национални селекции.

Оваа функција, сепак, не го исклучува фактот дека е најголем кандидат за седнување на клупата на Работнички за следната сезона, за што ќе има време по завршувањето на привремените обврски во КФМ.