Србин ќе го наследи Тодоров: Тренерот на Игокеа ќе биде нов селектор на Македонија?!

Драган Бајиќ, тренерот на Игокеа, најпријатното изненадување сезонава во АБА-лигата, најверојатно е решението на челниците на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) за функцијата селектор на кошаркарската репрезентација на Македонија, дознава Спорт1.

Станува збор за исклучително искусен стратег, кој речиси цела кариера ја мина на клупата на тимот од Република Српска, со исклучок на една сезона кога работеше во бугарскиот прволигаш Черно Море. Јавна тајна е дека Перо Антиќ пред десетина дена беше во Бања Лука, каде што, според шпекулациите во кошаркарските кругови, преговарал за соработката со Бајиќ.

Куќата на кошарката најави прес-конференција за в понеделник (12 часот), на која треба официјално да го промовира наследникот на Александар Тодоров. Најголеми се шансите тоа да биде српскиот тренер роден во Австрија, чија кариера почнува во 2007 година во Игокеа како помошник, а од 2011 и како прв тренер на тимот од Александаровац.