Совршен ден за одмазда: Кошаркарите немаат право на нов кикс против Косово!

Нешто повеќе од 13 месеци по ланскиот срамен пораз, кошаркарските репрезентативци на Македонија вечерва, во Приштина, имаат шанса да му се реваншираат на Косово (20.30) во првиот меч за двете селекции од втората претквалификациска фаза за пласман на ЕП 2021.

Минатиот август отпатувавме како огромни фаворити, но минавме како „боси по трње“ претрпувајќи го клучниот пораз за падот буквално на самото дно во европската кошарка. Моментот за одмазда е совршен, бидејќи со победа не само што ќе му вратиме на ривалот туку ќе направиме огромен исчекор да се вратиме онаму каде што и ни е местото, меѓу 32-те најдобрите селекции на Стариот континент кои ќе играат во квалификациите.

Селекторот Јорданчо Давитков со целосно ремонтиран состав и со дури седум нови кошаркари во однос на ланското гостување ќе проба од втор обид да ја освои косовската престолнина.

„Секогаш е потешко кога се игра на гостински терен, без разлика дали станува збор за прв натпревар од фаза или последен. Ние ќе мора да се сконцентрираме и вечерва да прикажеме што подобра игра. Одработивме два тренинга во салата и можам да кажам дека кошаркарите се подготвени. Впрочем и тие неколку кошаркари кои се пожалија на минимални болки на последните неколку тренинзи во Скопје (Хендрикс и Трајковски-н.з.) синоќа не пријавија никакви потешкотии. Се ќе биде полесно доколку ја отвориме втората фаза со триумф“, вели предводникот на жолто-црвената селекција.

Во групата со Македонија и Косово е уште и репрезентацијата на Романија, која в недела ќе ја пречекаме во „Борис Трајковски“. Пласман во квалификациите ќе обезбеди само првопласираниот на табелата.