Кошаркарската репрезентација на Македонија направи огромен исчекор кон враќање во друштвото на најдобрите 32 селекции во Европа, откако вечерва, по голема борба, успеа да ја преживее пеколната атмосфера во Приштина и да го совлада незгодниот тим на Косово со 76-73.

Ова беше реванш за ланскиот неуспех на истото место, кој потоа нѐ чинеше враќање на самото дно во евробаскетот, но и показател дека не ни е местото во друштво на вакви репрезентации. Шутот не ни одеше, нашиот најдобар поединец Војдан Стојановски тешко реализираше (2/13), иако ги постигна најважните две слободни фрлања на пет секунди до крајот, но и покрај тоа успеавме да триумфиравме најмногу поради што останавме присебни во последниот период од мечот.

За разлика од ланскиот дуел што го загубивме, жолто-црвените овој пат многу поконцентрирано и подобро влегоа во натпреварот што резултира со убедливи 12-2 по само неколку минути игра, за во осмата минута да има и дури плус 13 (19-6). Но, тогаш влеговме во неколку брзоплети грешки, што домаќинот на најдобар начин го искористи и за кратко врати со 10-1 за сериозно приближување на крајот од првиот период.

Во втората четвртина се играше изедначено и се правеа многу грешки на двете страни, кои тешко доаѓаа до поени. Македонската селекција умешно го одржуваше водството помеѓу три и девет поени, но ниту еднаш не успеа да ја врати двоцифрената позитива од првиот дел од мечот. Но и покрај тоа, на одмор заминавме со солидни плус пет (34-29) на нешто поголемиот број скокови (27-24) и помалиот број загубени топки (4-10) како и на деветте постигнати тројки.

Трета четвртина донесе резултатски пресврт. Лошиот шут од далечина на избраниците на селекторот Јорданчо Давитков е причината што првите поени ги постигна дури по три минути, период кој противникот го искористи целосно да ја намали негативата. Набрзо потоа и да поведе, но не со повеќе од два поени (41-39). Но домашниот тим немаше сили да го издржи последниот налет на Македонија на почетокот од последната четвртина, која ја почнавме со 13-5 за огромни плус седум (61-54), кои потоа умешно ги одржавме.

Бојан Трајковски беше најдобар поединец во нашиот состав со 17 поени и 11 скока, Дамјан Стојановски средбата ја заврши со 15 поени, Стојан Ѓуроски запиша 14 поени, Ричард Хендрикс имаше дабл-дабл ефект со 10 поени и 12 скока додека одличен натпревар одигра и Љубомир Младеновски со девет поени и пет скока. Кај Косово убедливо најдобар беше Дардан Бериша со 32 поени.

Жолто-црвените ќе немаат премногу време да ја прослават победата и да одморат, бидејќи веќе в недела ги очекува уште еден тежок натпревар и тоа на домашен терен против Романија (18.15 часот).