Сѐ е (по)лесно кога играш добро: Војдан Стојановски се враќа во најсилната лига во Европа!

Капитенот на македонската кошаркарска репрезентација, Војдан Стојановски, нема да остане во таборот на турскиот прволигаш Бујукчекмече и кариерата најверојатно ќе ја продолжи во најсилното европско национално натпреварување – Ендеса лигата во Шпанија.

Неофицијално, според информациите на Спорт1, тој е во завршна фаза на преговорите со шпанскиот прволигаш Сарагоса и ако сѐ остане според планираното, наскоро ќе треба да го стави потписот на договорот со овој тим. За услугите на Стојановски се заинтересирани и повеќе други европски екипи, но понудата на составот од главниот град на провинцијата Арагон засега е најпримамлива за најдобриот македонски кошаркар.

За Војдан ова би било враќање на дефинитивно најсјајната кошаркарска сцена на Стариот континент, со оглед што веќе две сезони настапуваше во Шпанија и тоа за екипите на Андора Морабанк (2015/16) и на Реал Бетис (2016/17). Сарагоса минатата сезона ја заврши како трета од позади, но во новото првенство влегува со далеку поголеми амбиции, кои и тоа како би зависеле од играта на капитенот на националниот тим на Македонија. Станува збор за тим кој последниве осум сезони е дел од најсилната лига во Шпанија, кој бил петтопласиран во 2013 година и кој може да се пофали со две победи во Купот на кралот.

Стојановски на кошаркарската мапа се појави во дресот на Вардар, а оттогаш настапуваше за АМАК-СП и Фени индустри на домашна сцена како и за Напредак Крушевац (Србија), Черкаси мавпи, Доњецк (Украина), АЛБА Берлин и Бујукчекмече на интернационална сцена, секако заедно со двата тима од земјата во која најверојатно повторно ќе се врати.