Си го враќа државјанството: Талентираниот Николов пак ќе игра за Македонија!

Најмладиот дебитант во историјата на македонскиот национален тим, Кристијан Николов (22 год, 188 см) е на добар пат да се врати во репрезентативниот состав, откако деновиве засилено работи на враќање на државјанството од кое се откажа во 2014 година по „војната“ со претходното раководство на Македонската кошаркарска федерација (МКФ).

Процедурата е во тек и се чека само на реализација на формалностите пред тој во рака повторно да го има пасошот на земјата во која е роден. Очекувањата се дека сето ова ќе заврши во следните две-три недели, со цел тој да го има своето второ деби за Македонија на претстојниот меч на гости против Романија (21 февруари), клучен за враќањето на нашата селекција меѓу 32. најдобри репрезентации во Европа.

Николов во 2012 година влезе во историјата со настапот во жолто-црвениот дрес на пријателскиот меч со Русија, со оглед што во тој момент имаше само 15 години, осум месеци и девет дена. Тогаш беше сметан за еден од најголемите таленти на макбаскетот, по што ги мина сите младински репрезентативни категории и кога требаше да почне да биде носител кај сениорите дојде до курцшлус со поранешниот претседател на МКФ, Даниел Димевски и неговите соработници.

Кошаркарот бараше дозвола од Куќата на кошарката за да може да настапува како Турчин во дресот на Галатасарај (има турско државјанство), но тоа не го доби со оглед на стравовите на тогашното раководство дека целосно би можеле да го изгубиме и покрај неговите гаранции дека секогаш ќе прифати да игра за Македонија. Пресметката имаше неколку битки во кои и двете страни си кажаа што мислат, а заврши со тоа што Николов целосно се откажа од македонското државјанство и продолжи да си ја гради кариерата само со турскиот пасош.

Во меѓувреме, талентираниот плејмејкер со само 17 години дебитира во Евролигата во која одигра осум натпревари како член на Галата, па промени неколку екипи и скоро четири години по промената во МКФ реши да го направи тоа што го вети, повторно да стане Македонец што ќе му овозможи да игра за нашата репрезентација.

Евентуалниот камбек на Николов во националниот тим ќе биде од огромна помош за селекторот Јорданчо Давитков, кому секој квалитетен поединец и тоа како добро ќе му дојде. Пресметката со Романија е „да се биди или не“, а Македонија има можност и да загуби со не повеќе од 14 поени разлика. Но, најавите се дека и на оваа средба во Плоешти ќе одиме на победа за да останеме непоразени во вториот круг од претквалификациите за ЕП 2021.