Два порази во исто толку натпревари за македонските кошаркарски репрезентативци во февруарскиот квалификациски прозорец на ФИБА за пласман на ЕП 2021, откако попладнево, по голема борба, загубија на гостувањето кај Русија со 67-77.

Жолто-црвените одиграа далеку подобро од пред три дена кога, релативно неочекувано, загубија дома од Естонија и му претставуваа достоен ривал на далеку пореномираниот ривал. Избраниците на селекторот Александар Тодоров постојано му „дишеа во врат“ на рускиот гигант, а во првото полувреме во неколку наврати и водеа со пет поени разлика, додека во финишот максимално ги исплашија сите во салата во Перм.

„Баќушките“ имаа предност од три поени на половина од последниот период (68-55) и кога сите помислија дека дилемите околу победникот се решени, кошаркарите на Македонија херојски се вратија и со серија 10-0 намалија на само три поени негатива (65-68). Домаќинот на 90 секунди до крајот, на истата предност од три поени (70-67), промаши две од трите слободни фрлања што ни даде нова шанса за целосен пресврт. Но, следниот напад не беше организиран како што треба, Марко Симоновски беше блокиран по што Русите искусно ја исконтролираа последната минута и дојдоа до првата победа во квалификациите, откако и тие загубија во првото коло, на гости кај Италија.

Андреј Магдевски и Шејн Витингтон ја завршија средбата со по 14 поени и шест скока, додека двоцифрен ефект имаше и Војдан Стојановски со 10 поени. Ветеранот Виталиј Фридзон со 23 поен беше убедливо најдобар кај Русија.

Вечерва се игра и вториот меч од нашата група во кој Естонија ја пречекува Италија (18 часот), средба во која ќе навиваме за „аѕурите“ бидејќи во спротивно ионака малите шанси за пласман на ЕП 2021 ќе станат микроскопски. Квалификациите продолжуваат на крајот од ноември кога нѐ очекуваа две гостувања и тоа прво кај Италијанците, а потоа и кај Естонците.