Шанса за КФМ: Претквалификациите за СП ќе ги играме турнирски во – „балон“!

Македонската кошаркарска репрезентација претстојниот претквалификациски циклус за пласман на СП 2023 ќе го одигра во т.н. „балон“, односно на турнир што ќе се одржи во еден град под максимални услови за здравствена безбедност, одлучи денеска Светската кошаркарска федерација (ФИБА).

Тоа значи дека жолто-црвените средбите против Швајцарија и Словачка нема да ги играат според принципот дома-гости, туку во еден град и тоа во периодот помеѓу 12 и 18 август. Домаќинот на „балонот“ од нашата група ќе биде одреден дополнително, што секако е шанса за челниците на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) да се потрудат, но и да го „одврзат ќесето“ за да ја добијат организацијата.

Во случај да биде добиена организацијата во Скопје, кое ги исполнува сите услови на ФИБА за еден ваков турнир, само од епидемиолошката ситуација во државата ќе зависи дали би се играло пред празни трибини или со публика. Со оглед на сегашните најави дека наскоро ќе се укине забраната за присуство на навивачи во салите, реално е да се очекува дека избраниците на новиот селектор Драган Бајиќ би имале огромна предност во однос на ривалите ако играме дома со третина исполнет капацитет во „Борис Трајковски“ или во „Јане Сандански“.

Пласман во квалификациите за СП 2023 ќе обезбедат најдобрите две селекции од нашата и секако од останатите претквалификациски групи.