Селекторот Тодоров заврши со карантинот, но сега ќе мора во – самоизолација!

Мартовското враќање од привремената работа во Романија, селекторот на кошаркарската репрезентација, Александар Тодоров, ќе ја памети долго со оглед што поради пандемијата со коронавирусот од граница беше испратен директно во 14-дневен карантин, кој го заврши синоќа без да појави било каков симптом на болеста Ковид-19.

Излегувањето од тесната соба во скопскиот хотел, каде што принудно ги мина изминативе две недели, сепак, не значи и враќање на целосната слобода. Тодоров при заминувањето морал да потпише и изјава за дополнителна самоизолација и тоа за истиот период колку што беше во карантинско сместување. Различно ќе биде опкружувањето, односно далеку подобрите услови на „притворот“ кој ќе може да го мине во својот дом.

„Потешкиот дел од работата е завршена, делот со карантинот. На заминувањето морав да потпишам дека во следните 14 дена ќе бидам во задолжителна самоизолација, со цел да се отстрани и секој најмал сомнеж околу болеста. Добар сум, а бидејќи немав никакви симптоми не морав да се тестирам за коронавирусот. Само со дисциплина ќе може да се победи пандемијата“, вели Тодоров.

Кошаркарскиот селектор, кој првите два меча на новата функција ги имаше во февруари кога Македонија играше против Естонија и Русија во првиот циклус мечеви од квалификациите за ЕП 2021, до прекинот на сезоната работеше како тренер на романскиот прволигаш Крајова.