Селекторот останува во Романија: Тодоров уште една сезона на клупата на Крајова!

Предводникот на македонската кошаркарска репрезентација, Александар Тодоров, и следната сезона ќе седи на клупата на романскиот прволигаш Крајова, каде што работеше во претходните две години.

За селекторот на Македонија ова ќе биде четврта сезона во романското првенство, со оглед што првата во оваа земја ја мина како тренер на Динамо Букурешт. Тодоров е првиот тренер кој освои титула со МЗТ Скопје, а во својата домашна кариера има уште работено во Алумина, Куманово, Вардар, ФОН. Надвор од државата освен во Романија предводеше и тимови од Турција (Чукурова), Бугарија (по три години во Рилски спортист и Балкан) и Косово (Пеќ).

Деби на клупата на националната селекција имаше во февруари годинава, на стартот од квалификациите за ЕП 2021 и тоа со порази на домашен терен со Естонија и на гости со Русија.