Давитков доби отказ во клубот само зашто се „дрзнал“ да ја предводи Македонија!

Селекторот на кошаркарската репрезентација на Македонија, Јорданчо Давитков, повеќе не е тренер на екипата на Банијас од Абу Даби, откако раководството на клубот еднострано решило да ја прекине соработката поради неговото доаѓање да ја предводи Македонија во ноемврискиот циклус репрезентативни квалификации.

Искусниот стратег пред еден месец официјално го презеде клубот од Обединети Арапски Емирати, кого го предводеше само на неколку натпревари пред да замине за Скопје на подготовките на националниот тим. Тој тогаш имал дозвола од раководството на клубот, но во меѓувреме дошло до промена.

„Во Скопје дојдов со дозвола на Банијас и со желба да сторам сѐ за да имаме успешен старт во претквалификациите за ЕП 2021. Но, во меѓувреме дошло до промена во менаџментот во клубот, кој поради фактот што имаше натпревари додека јас бев отсутен решил да го раскине договорот без разлика што јас според правилата на ФИБА имав секое право да дојдам и да ја предводам Македонија. Потоа ми понудија да останам како главен советник, што јас нормално го одбив не можејќи да прифатам да продолжам да работам со луѓе чија цел е да ме спречат да бидам дел од нешто што за мене е свето“, ни изјави Давитков.

Селекторот наскоро ќе се врати во Македонија со уште поголема решителност во работата со репрезентацијата и со посветеноста да помогне жолто-црвените да се вратат онаму каде што и припаѓаат – во врвот на европската кошарка.

„Клубот може да го раскине договорот зашто сум ја водел репрезентацијата и јас го почитувам тоа. Но и пак да одлучувам би се решил за истото. Клубови има многу, но репрезентацијата на Македонија е една“, завршува Давитков.

Македонската селекција со две победи, против Словачка на гости и Швајцарија дома ги почна претквалификациите за ЕП 2021. Со овие триумфи, нашиот состав со еден чекор веќе е во следната фаза, а наредните обврски се веќе во февруари в година, кога дома ќе ги пречекаме словачките кошаркари.

И.К.