Самарџиски ѝ се враќа на кошарката – потпиша за второлигаш од Турција!

Поранешниот македонски репрезентативен центар, Предраг Самарџиски (34 год, 216 см), реши да ѝ се врати на кошарката по повеќе од едногодишната пауза поради пандемијата и немањето клуб, откако потпиша договор до крајот на сезоната со турскиот второлигаш Јени Мамак.

Станува збор за релативно непознат, барем за македонски услови, тим од предградие на Анкара, кој во моментов е осмопласиран на табелата во второлигашката конкуренција во Турција. Јени Мамак има скор 12-10, со што е на делба на последното место што води во плејофот за пласман во повисок ранг, поради што во Самарџиски гледаат искусен центар кој ќе им донесе дополнителен квалитет во играта под кошевите.

Ветеранот сезонава нема одиграно натпревар, а во минатата настапи на 18 средби за Самсунспор, кој исто така играше во турската Втора лига. Самарџиски е поранешен голем талент на Партизан, кој потоа се пресели во ФМП, а низ кариерата играше за екипи како Црвена Звезда, Литвос Ритас, Мега Баскет, Олин Едирне, Мерсин, Бујукчекмече и на двапати во МЗТ Скопје.