Репрезентативец на Македонија се сели во САД - ќе игра во НЦАА-лига!

Последниот дебитант во македонскиот репрезентативен дрес, Андреј Јакимовски, кој во февруари на средбите против Естонија и Русија ги одигра првите минути во сениорскиот жолто-црвен дрес, реши кариерата да ја продолжи во САД и тоа во Вашингтон стејт универзитетот во НЦАА-лигата.

Ова е првпат во историјата на македонската кошарка член на националниот тим наместо да потпише професионален договор во Европа, да одбере да игра во аматерската колеџ-лига „преку барата“, каде што е забрането да се плаќаат играчите и каде основна цел е образованието. Јакимовски изминативе неколку години ги одигра во Италија, каде што минатата сезона беше дел од второлигашот Торино, со одлични настапи во младинската конкуренција на Евролигата. Репрезентативецот имаше понуди од повеќе европски и неколку домашни екипи, но реши да се обиде да направи кариера во колевката на кошарката, каде што НЦАА е најлесна отскокна штица за место во престижната НБА.

Вашингтон стеј настапува во квалитетната ПАК-12 дивизијата, а најпознат кошаркар кој излегол од овој универзитет е фантастичниот шутер на Голден стејт вориорс, Клеј Томпсон. Јакимовски во оваа средина доаѓа на барање на тренерот Кајл Смит, за кого ова ќе биде прва сезона како предводник на популарните „кугарс“.