Репрезентативците рапортираат од Шпанија: Градовите пусти, глетката – апокалиптична!

Македонските кошаркарски репрезентативци Ненад Димитријевиќ и Шејн Витингтон ја немаа среќата како нивните колеги од националниот тим кои настапуваат во странство, бидејќи се приморани да бидат сведоци на апокалиптичните сцени во Шпанија со оглед што не добија дозволи од своите клубови Хувентуд односно Реал Бетис да ја напуштат државата.

И додека Војдан Стојановски и Стојан Ѓуроски веќе го „одработуваат“ задолжителниот карантин по враќањето од Франција, каде што настапуваа(т) за Гравелин односно Евре, младиот плејмејкер и македонскиот Американец деновите ги минуваат „затворени“ во своите домови во Барселона односно Севилја. Ситуацијата е сложена, бројката на новозаболени од коронавирусот во Шпанија од ден на ден е сѐ поголем, што самото минување на влезната врата може да се смета како голем ризик.

„Ситуацијата во Шпанија е далеку од добра. Тоа се гледа на секој чекор и тоа во град како Барселона, кој за разлика од други денови кога 'врие' од луѓе сега е скоро па пуст, што е навистина неверојатна, па дури и апокалиптична глетка. Она што е сигурно е дека засега останувам тука, доносно дека морам да останам. Таков е ставот на клупското раководство, кој мора да го испочитувам. Што ќе биде понатаму, не знам“,вели Димитријевиќ, со кого заедно е и неговата сестра Марија, која исто така професионално настапува во шпанското првенство.

Во шпанската АЦБ-лига во моментов првенството е суспендирано со напомена дека сезоната нема да продолжи пред 24 април. Но, истовремено, челниците на најдоброто европско натпреварување засега не преземаат чекори за целосен прекин и предвремено прогласување на шампион.

„Сѐ уште сум во Шпанија бидејќи раководството на клубот не ни даде дозвола да си заминеме дома. Повеќе од ова не знаеме и тоа не само јас, туку и сите други кошаркари кои се водат како странски“, објаснува Витингтон.

Денеска се очекува да бидат познати повеќе работи околу евентуалното (не)продолжување на македонската Прва лига, со оглед што прволигашите ќе имаат состанок преку видео-врска.