Крајно време е да се стави крај на кошаркарската мизерија!

Кошаркарската репрезентација на Македонија вечерва го почнува настапот во првата фаза од претквалификациите за пласман на ЕП 2021 и тоа на гостински терен против Словачка (18 часот) во Попрад, со желба конечно да почне излезот од кризата односно поместување од дното на кое паднавме летово.

Ова е најсрамно ниво во кое сме настапувале, а кое е дури три спрата под нивото на кое бевме до пред само неколку години. Но, последното место на табелата во групата со Естонија и Косово во претквалификациите за СП 2019 нѐ донесе во ситуација да играме за натпреварување кое е на програмата по дури четири години и за кое уште никој не ни размислува да го организира.

Словачка, сепак, е состав кој воопшто не треба да се потцени и кој има големи амбиции во оваа претквалификациите. Ангажирањето на двајца Американци, од кои едниот е исклучително квалитетен и има словачки корени (Кајл Курич) како и валканите игри со закажување меч во место 400 километри оддалечено од аеродромот се доволен показател за нивната желба да бидат први во нашата група. Ланските пријателски средби кои беа на ивица на инцидент, а едната дури и беше прекината, наговестуваат не баш пријателски прием за избраниците на селекторот Јорданчо Давитков во сала која се очекува да биде преполна со пеколна атмосфера.

Повредите на Бојан Трајковски и Ѓорѓи Чековски драстично ја усложнија задачата на жолто-црвениот стручен штаб, додека повикот во последен момент за Ричард Хендрикс би требало барем делумно да го надополни нивното отсуство под кошевите. Младоста и енергијата на Ненад Димитријевиќ би требало да биде голем плус за Македонија, чија задача е да проба да победи во Попрад или да загуби со пристојна негатива која потоа би била надополнета во Скопје.

Вечерашниот дуел со Словачка е прв од двата во ноемврискиот циклус, со оглед што в недела ќе ја пречекаме аутсајдерот Швајцарија во салата „Јане Сандански“. Пласман во следната фаза од претквалификациите сигурно ќе обезбеди победникот во секоја од трите групи како и најдобрата репрезентација која ќе се пласира на втората позиција.