Македонската кадетска репрезентација во вториот меч на ЕП во Скопје го претрпе и првиот пораз, откако вечерва беше буквално прегазена во пресметката со Грција (78-48).

Противникот беше пресилен, што се виде уште во првата четвртина, која јужниот сосед ја доби со преубедливи 25-8. Се што следеше беше само рутинско одработување на задачата од страна на нашиот противник, кој и до самиот крај не попушти поради што дојде и до огромни плус 30. Шутот ни беше лош (28,3-отсто), бевме инфериорни во скок-играта (33-49), а имавме неверојатни 30 загубени топки, поради што крајниот епилог е реален.

Кај Македонија ниту еден кошаркар немаше двоцифрен ефект, а Никола Јаничиќ со девет и Дино Лазарев со седум беа помалку лоши од останатите.

Утре го играме мечот со Шпанија, кој ќе биде директна битка за второто место во групата, кое, пак, теоретски носи послаб ривал во осминафиналето, во кое ќе се најдат сите 16 земји-учеснички на континенталниот собир за играчи до 16 години.