Пресуди лошиот скок: Кадетите со пораз го почнаа второлигашкото ЕП во Сараево!

Во чуден меч во кој двете селекции блескаа во по две четвртини, кадетските репрезентативци на Македонија загубија во дуелот со Русија (69-75) на стартот од Европското првенство, дивизија Б, во Сараево.

Жолто-црвените достојно му се спротивставија на реномираниот противник, кој дури во финишот го скрши отпорот за нашите момчиња. Почетокот ѝ припадна на руската селекција (23-13), но потоа следеа блескави десет минути на македонските кошаркари на возраст до 16 години, кои вториот период го добија со 23-10 за водство на крајот од првото полувреме (36-33).

Клучно за поразот беше лошата игра во третата четвртина, во која тешко постигнувавме кош, а ѝ дозволувавме на Русија лесни поени за целосен пресврт и двоцифрена позитива на противникот пред решавачките минути (43-54). Избраниците на селекторот Александар Јованчев не се предадоа дури и во овие моменти, со голема упорност и борбеност дојдоа на сао еден поен негатива (69-70) во последната минута, но немаа сила за целосен пресврт.

Главна причина за неуспехот е огромната доминација на противникот под кошевите, каде што имаше дури 22 скока повеќе (33-55). Марко Миловановиќ со 20 поени и десет скока беше најдобар кај Македонија, Гоце Петрушевски постигна 12 поени додека Марко Величковски реализира 10 поени.

Наш следен противник, утре, е селекцијата на Белгија (14.45 часот).