Пред две години го „плукаа“, а сега се „крстат“ во него за да нѐ спаси од нов срам!

Само десетина часа откако селекторот Јорданчо Давитков пред почетокот на првиот тренинг потенцира дека македонската кошаркарска репрезентација ќе игра без странец во претквалификациите за ЕП 2021, дојде информацијата дека тоа нема да биде така односно дека утре ќе приклучи еден од Американците со наш пасош.

Станува збор за Ричард Хендрикс, кошаркар на турски Галатасарај, кој веќе неколку години има македонско државјанство и кој беше дел од националниот тим во квалификациите и на континенталниот собир во Загреб пред две години. Тој со својот настап на Евробаскетот ги разочара челниците на МКФ, кои јавно ја искритикуваа неговата игра, но и однос на паркетот.

„Хендрикс потполно разочара со неговиот однос на ЕП и ние треба сериозно да размислиме дали тој и во иднина ќе заслужува да го носи македонскиот пасош“, изјави тогаш Петар Наумоски, предводникот на македонската кошарка.

Главна причина за ваквиот развој на настанатите се неочекуваните откази на Бојан Трајковски и Ѓорѓи Чековски поради повреди на препоните односно стапалото, поради кои селекторот остана без премногу опции во нападот. Поради ова е отстапено од првичниот план да се игра без странец, а според информации од репрезентативниот табор, Хендрикс изразил подготвеност да помогне и уште утре ќе се појави на тренинзите на жолто-црвените. Тој игра на позицијата крилен центар и зад себе има 11 настапи во дресот со национални обележја со просек од 8,8 поени и 8,2 скока.

Во опција за настап беше и Лестер Бо Мекејлеб, но тој излегол некоректен во обидите да се осигура неговото присуство на подготовките, додека Џордан Теодор не може да помогне поради настапот во Армани Џинс, тим кој игра во Евролигата која не ги признава новите репрезентативни прозори на ФИБА. Периодов имаше обиди да се натурализира и кошаркарот на Работнички, Маркус Гинјард, но МКФ не успеа навреме да ги заврши сите формалности.

Пред Македонија овој месец се дуели против Словачка в четврток во Попрад и против Швајцарија в недела на домашен терен во салата „Јане Сандански“. Ова се средби од првата фаза од претквалификациите за ЕП 2021, најниското можно репрезентативно ниво во моментов на кое спаднавме по срамниот настап летово кога завршивме како последни во група со Естонија и Косово во обидот да дојдеме до квалификациската фаза за СП 2019.

Пласман во следната фаза сигурно обезбедува победникот од трите групи, како и најдобрата второпласирана селекција.