Познати половина од учесниците на ЕП 2022, Македонија сѐ уште има – реални шанси!

Ноемврискиот циклус од квалификациите за ЕП 2022 пополни дополнителни седум места меѓу учесниците на следниот континентален собир, што заедно со четирите селекции-домаќини прави да се знаае речиси половина од репрезентациите кои ќе настапат на шампионатот на најдобрите на Стариот континент.

Следното ЕП ќе се одржи во Италија, Чешка, Грузија и Германија, а на овие селекции кои сигурно ќе играат деновиве им се приклучите уште Шпанија, БиХ, Хрватска, Израел, Грција, Украина и актуелниот првак Словенија. За останатите места ќе се води жестока битка во последниот квалификациски „прозорец“, закажан за февруари следната година. Од секоја група пласман на континенталниот собир обезбедуваат трите најдобри од четирите селекции што учествуваат, со тоа што во групите во кои се организаторите на ЕП оваа бројка е намалена на две од трите преостанати национални тимови.

Некако во најнезавидна позиција е Македонија, која само се прошета до Талин каде што требаше да игра против Италија и Естонија. Тоа не се случи поради позитивните тестови на четворица наши кошаркари, поради што ФИБА ги одложи овие дуели за следниот „прозорец“. Сето ова, пак, значи дека жолто-црвените тогаш ќе имаат пеколно тешка задача бидејќи ќе треба да одиграат дури четири средби во краток рок, што воопшто не е мала работа, особено ако пак се игра турнирски како овој циклус.

Избраниците на селекторот Александар Тодоров имаат два порази од два одиграни меча, тие од Естонија дома и Русија на гости, но релативно добрата вест е што Италија, која игра вон конкуренција, не калкулира и досега ги доби сите три средби кои ги одигра. Нашите конкуренти имаат скор 2-2, што значи дека Македонија би можела да се вмеша во борбата за пласман на ЕП, но за тоа ќе ни требаат најмалку две победи следниот февруари и тоа задолжително со двоцифрена позитива во пресметката со Естонците.