Поради случајот „Симоновски“: МКФ се соочува со - бојкот на репрезентацијата?!

Македонската кошаркарска федерација (МКФ), поточно нејзината Здравствена комисија, денеска ја отфрли одговорноста за повредата на репрезентативецот Марко Симоновски поради што не прифаќа да му ја покрие платата додека е вон теренот, одлука која може да ѝ се врати како бумеранг на Куќата на кошарката односно да предизвика – бојкот на националниот тим.

Избегнувањето да го земе под заштита кошаркарот кој летово ги почна подготовките на репрезентацијата, успешно го мина лекарскиот преглед и го истрча т.н. Куперов тест, а по седум дена се повреди и сѐ уште се лекува, е прифатено со револт меѓу играчите особено меѓу оние кои веќе во ноември трена да настапат за Македонија во првиот круг од претквалификациите за ЕП 2021. Тие се исплашени дека истата ситуација би можела и ним да им се случи односно да останат без егзистенција поради желбата да го дадат својот максимум во светиот дрес со национални обележја. Гневот кај нив е уште поголем, откако излезе информацијата дека летово тие десетина дена тренирале без да бидат осигурани во ФИБА, што значи дека биле незаштитени од оние на кои би требало најмногу да им веруваат – предводниците на македонската кошарка.

Токму ваквото префрлање на топката кај лекарите се толкува само како начин за дефокусирање на јавноста од главниот проблем во целата ситуација со случајот „Симоновски“, а тоа е доцнењето со осигурувањето. Избраниците на селекторот Јорданчо Давитков почнаа со подготовки на 21 јуни, а осигурителната полиса стартувала на 1 јули. Образложението на МКФ беше дека тоа бил универзален термин за сите репрезентации кои играа во претквалификациите за СП 2019, но немаше одговор на прашањето како бил покриен празниот период од десетина дена, во кој и настрада Симоновски.

Токму поради овој пропуст на Петар Наумоски и неговите соработници, жешките костени мораше да ги вади комисија на лекари кои изведоа заклучок дека „немало свежа фрактура на документите кои ги виделе односно дека станувало збор за стара санирана повреда и дека не се гледале знаци на нова повреда“. Сиот овој циркус воопшто не би бил потребен ако МКФ навремено ги осигурала репрезентативците односно работата би се средила на предвидениот начин според актите на ФИБА, без никакви тензии, какво што беше ланското искуство со Дамјан Стојановски. Сегашниот капитен на МЗТ Скопје тешко се повреди минатото лето на мечот против Велика Британија, но додека се рехабилитираше добиваше плата од светската Куќа на кошарката.

Но, тогаш Стојановски бил уредно осигуран, што не е така во случајот „Симоновски“ поради што станува јасно дека тоа е клучната работа во ова папзјанија која лесно може да предизвика националниот тим да остане без играчи. Или, пак, никој кошаркар да не прифати да стапне на тренинг на репрезентацијата пред луѓето од МКФ да им ја дадат на увид осигурителната полиса.

И.К.