Помладите кадети од Израел буквално ќе загубеа со - сто разлика!

Играњето во стилот „топло-студено“ на македонските младински кошаркарски репрезентации летово на европските првенства продолжи во „црна фаза“ на играчите до 14-годишна возраст на популарниот „Словенија бол“, кој важи за неофицијално ЕП во конкуренција на помлади кадети.

Жолто-црвените денеска загубија со огромни 80 поени разлика во пресметката со Израел (34-114), во која постигнаа само 18 поени по првите 30 минути. Тешко е да се опишува што се случуваше на теренот во еден ваков натпревар, во кој противникот веќе на полувремето водеше со плус 51 (65-14).

Подобри од останатите во нашиот состав беа Величковски со 11, Рубин Стефанов со 10 и Тео Војновиќ со шест поени. Нешто порано денеска, избраниците на селекторот Дарко Димитриевиќ загубија од Црна Гора со само 12 поени негатива (45-57). Утре исто така ќе одиграме две средби и тоа против Бугарија (14.30 часот) и против Словенија (20.30 часот).