По само една сезона: Димитријевиќ на излезна врата од Валенсија!?

Македонската кошарка по се изгледа нема да добие нов кошаркар во Евролигата и тоа пет години по последниот настап на Перо Антиќ во најсилното клупско натпреварување на Стариот континент, откако од Шпанија доаѓаат информации дека Ненад Димитријевиќ би можел летово да си замине од Валенсија.

Според неофицијални информации од Пиринеите, новиот тренер на евролигашот, Алекс Мумбру, веќе го информирал Димитријевиќ дека не е во неговите планови и дека најдобро за сите е да почне да бара нов клуб. Тој лани потпиша четиригодишен договор со Валенсија, поради што ваквото негово заминување нема да биде лесно, туку за да се случи тоа ќе мора да биде добро компензиран.

Според истиот извор, негова следна можна дестинација се споменува Гран Канарија, тимот за кој во минатото настапуваа двајца „македонски“ Американци, Бо Мекејлеб и Џејкоб Вајли. Ваквите проблеми во клубот најверојатно се причината поради која Димитријевиќ речиси сигурно ќе го пропушти јулскиот циклус квалификации за СП 2023, кога играме на гости кај Шпанија (1 јули) и дома со Украина (4 јули).