Откажа и Николовски: Македонија ќе биде „тенка“ под обрачите на турнирот во Талин!

Селекторот на македонската кошаркарска репрезентација, Александар Тодоров, се соочи со уште еден проблем во пресрет на утрешниот старт на подготовките за претстојните квалификациски средби против Италија (28 ноември) и Италија (30 ноември) на турнирот во Талин, откако по Стојан Ѓуроски, кој е позитивен на Ковид-19, остана и без уште еден висок играч и тоа Кире Николовски.

Центарот на Работнички го известил стручниот штаб дека има здравствени проблеми кои не се поврзани со коронавирусот, поради кои нема да биде во можност да помогне во двете претстојни пресметки. Уште од претходно беше познати дека оваа репрезентативна акција ќе ја пропуштат и Бојан Крстевски и Андреј Маслинко од МЗТ Скопје, кои се повредени, поради што Тодоров ќе има сериозен проблем при составувањето на „високата линија“ за пресметките во естонската престолнина.

Македонија ги загуби првите два меча од квалификациите за ЕП 2022 и тоа дома против Естонија и на гости против Русија, поради што е императив да се дојде барем до еден триумф во Талин и тоа по можност против домашната селекција со двоцифрена разлика. Пласман на континенталниот собир ќе обезбедат двете најдобри репрезентации во конкуренција на нашата, естонската и на руската, со оглед што италијанските кошаркари играат ревојални бидејќи се веќе пласирани како еден од организаторите на овој собир.