Олимписките турнири во кошарка откажани, визи за Токио ќе се добиваат според ранг-листата?

Олимписките квалификациски турнири во кошарка, кои требаше да ги дадат последните учесници на кошаркарскиот турнир на ЛОИ во Токио веројатно нема ни да се играат поради пандемијата на коронавирус, иако засега ФИБА официјално не ги откажа истите.

Како што објавуваат медиуми низ светот, Интернационалниот Олимписки Комитет (ИОК), веќе разговарале на темата околу квалификациите во сите спортови, меѓу нив и за кошарката, па многу реално е тие да се откажат, иако ФИБА не се изјаснила околу евентуално одложување или поместување.

Наводно, ИОК ќе ѝ препорача на ФИБА последните четири визи од четирите предвидени квалификациски турнири да ги добијат четирите најдобри земји на ранг-листата на ФИБА кои немаат пласман. Тоа би значело дека на ЛОИ во Токио би играле Србија, Чешка, Грција и Литванија, покрај веќе сигурните Јапонија (домаќин), Нигерија, САД, Аргентина, Иран, Франција, Шпанија и Австралија.

Квалификациските турнири по распоред се во јуни во Канада, Хрватска, Литванија и Србија, ама засега никој не знае колку ќе трае борбата со пандемијата и дали ќе има услови за играње во тој период, особено што станува збор за спорт во затворен простор.

ИОК вчера објави дека нема да избрзува со откажување на ЛОИ во Токио, кои треба да се одржат од 24 јули до 9 август, потенцирајќи дека внимателно се следи состојбата со коронавирусот на Далечниот Исток, но и во светот.