Кошаркарите првпат во историјата само на туѓа телевизија со – странски коментар!

Македонската кошаркарска репрезентација утре, на домашен терен во салата „Борис Трајковски“, против Естонија (20.15 часот) ќе го почне настапот во квалификациите за ЕП 2021 во меч кој по лошо ќе влезе во историјата на макбаскетот како прв што ќе биде пренесуван само од туѓа телевизија и ќе биде коментиран само на – странски јазик.

Тоа што веќе е реалност за фудбалскиот национален тим, од утре ќе стане нормално и за кошаркарите, откако стана јасно дека правата за пренос на квалификациските средби за следниот континентален собир ќе ги има регионалниот канал Спортклуб. Тоа значи дека македонските спортски вљубеници, барем тие на кои им е достапен каналот Спортклуб 2, утре ќе може да го следат натпреварот на жолто-црвените со коментар на хрватски јазик. Ова, пак, значи дека ниту една македонска национална телевизија нема да ги пренесува возбудувањата од „Борис Трајковски“, што значи дека изборот ќе биде или следење на средбата преку популарните апликации за резултати во живо или, пак, слушање како презимињата на избраниците на селекторот Александар Тодоров ќе бидат кажувани со хрватски акцент.

Сега, на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) само да ја научат лекцијата од фудбалските колеги и да се обидат да се изборат барем домашните натпревари да бидат пренесувани со македонски коментар, каков што беше случајот во фудбалските квалификации за Евро 2020, за кои исто така правата ги имаше Спортклуб.

А на спортските вљубеници во државата им преостанува наместо сопствените репрезентативци да ги гледаат на телевизија со странски коментар да дојдат во салата „Борис Трајковски“ и во живо да им дадат поддршка на новите кошаркарски херои, кои тргнуваат по патот на некогашните легенди како Петар Наумоски, Врбица Стефанов, Перо Антиќ, Тодор Гечевски...